• Горан Упале

Младите фудбалери на Брера приредија изненадување во седмото коло од сезоната во Втората македонска фудбалска лига, откако на гостувањето кај Охрид освоија голем бод на своето конто.
Натпреварот на „Билјанини Извори“ заврши со резултат од 2-2, а гостите од Струмица иако беа аутсајдери може да жалат за пропуштената шанса да го освојат целиот плен. Брера имаше водство од 0-2, но не успеа да го сочува и на крај мораше да се задоволи само со еден бод.
Во Скопје ланскиот прволигаш Работнички ја оправда улогата на фаворит и на свој терен го совлада Камјани со убедливи 5-1. За тимот од Дебар маaло првиот гол го постигна Кудијан уште во втората минута, потоа два брзи гола постигна Бошнаков, а во листата на стрелците се запишаа уште Стефановски и Затуроски.
Возбудливо беше во Кочани, каде домашниот тим на Осогово со доцен гол избегна пораз против Еуромилк Горно Лисиче (1-1). Гостите од Скопје поведоа во 80 минута со голот на Орхан Мифтар, но домаќинот не се предаде и во судиското надополнување успеа да ја затресе гостинската мрежа преку Борјан Попоски и да стигна до еден бод. Без победник заврши и дуелот во Радовиш меѓу Детонит Плачковица и Кожуф (1-1).
Убедлива гостинска победа забележа екипата на Тетекс во Новаци од 1-4 (1-2). За тетовскиот тим два гола даде Али Хисар, а по еднаш стрелаа Азис Јамини и Салии Меритон. Минимален триумф забележа Македонија Ѓорче Петров на гостувањето кај Шкупи од 0-1 (0-0). Човек на одлука беше Кристијан Таневски кој во 65. минута реализира пенал, а за истата ситуација Ендрит Рустеми доби црвен картон.
Дербито на колото утре во Струмица го играат Беласица и Пелистер. Води Охрид со 16 бода, пред Работнички со 15 и Брера и Пелистер со по 14 бода, но битолчани имаат натпревар помалку.





