• Горан Упале

Екипата на Охрид го впиша и вториот триумф во второлигашкиот шампионат. На „Билјанини Извори“ со убедливи 5-1 совладан беше тимот на Кожуф.
Охриѓани пред својата публика успеаја да ја оправдаат улогата на фаворити, иако гостинот прв поведе. Кожуф прв се радуваше на гол, откако поведе во петтата минута, но тоа беше сè што направија гостинските фудбалери на овој натпревар. Следуваше моќно издание на Охрид и пет гола во низа за нови три бода на своето конто. Дури четири гола постигна Антонио Каланоски, а еден погодок беше дело на Марко Николоски.
Три бода освои и екипата на Тетекс. Тимот од Тетово ја запиша првата победа во новата сезона, откако славеше над Шкупи со 1-3.
Головите за Тетекс на натпреварот на „Чаир“ ги постигнаа Никола Ристовски во 61. минута, а потоа на сцена стапи Али Рамин, кој со два гола во 83. и 87. минута го запечати триумфот на Тетекс. За Шкупи ова беше трет пораз во низа, додека Тетекс конечно стигна до првите три бода во сезоната.




