Охрид продолжи да се засилува, Алији нов член на второлигашот

Охрид

Пред неполна недела фудбалерите на Охрид ги започнаа подготовките за пролетниот дел од ВМФЛ-сезоната.

Тренерот Драган Бочески доби уште едно засилување во пресрет на пријателските средби. Се работи за Бурхан Алији кој е петтиот новајлија на тимот оваа зима.

30-годишникот доаѓа од редовите на Велазерими, каде настапуваше во изминатите две години. Тој игра на десната крилна позиција и ќе биде дополнителна конкуренција за офанзивниот ред на екипата.

Составот на Охрид претходно се засили со голманот Раиф Мирселоски, Дарко Симјаноски, Ујкан Муча и Александар Василев.

Орхиѓани го завршија есенскиот дел од сезоната на претпоследното место на табелата во ВМФЛ-Запад.