ВИДЕО: Охрид моќен со Шкупи, Детонит со еврогол ја отпиша Беласица од Купот!

Два тима од Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ) обезбедија место во четвртфиналето од Купот на Македонија, тоа се екипите на ГФК Охрид и на Детонит Плачковица.

ГФК Охрид на домашен терен одигра моќно и успеа да слави високо над Шкупи (3-0). Чаирчани се во криза, во лигата немаат ниеден бод по шест одиграни кола, а таа лоша форма се преслика и во Купот на Македонија од каде тимот отпадна. Антонио Каланоски беше стрелец на еден гол, додека Иван Глигоров погоди двапати за победникот.

Следна фаза во најмасовното клупско натпреварување во Македонија обезбеди и Детонит Плачковица, која во дербито славеше со минимални 1-0 над струмичка Беласица. Некогашниот македонски првак игра во одлична форма, но тоа не му помогна против Детонит, кој дојде до еден од поголемите успеси во Купот во поновата историја. Еврогол за следна фаза постигна новото засилување Иван Галевски уште во втората минута. Одличен беше и голманот Димитар Георгиев кој на голот на Детонит го бранеше невозможното.

Останатите патници во следната фаза ќе бидат познати откако ќе бидат комплетирани и другите мечеви кои ФФМ ги закажа развлечени во две седмици.