Охрид им се заблагодари на „Рибари“: Заедно успеавме да направиме нова успешна приказна

Македонскиот фудбалски второлигаш Охрид ги продолжува настапите во Купот на Македонија, откако на гостувањето кај Локомотива во Градско во рамките од првото коло, извојува сигурна победа од 0-2.

Охриѓани и на овој дуел ,кој се играше во Градско, не беа сами, затоа што нивните верни навивачи „Рибари“ им приредија изненадување и ги бодреа во текот на сите деведесет минути.

„Пријатно изненадување на вчерашниот натпревар во Градско за нашите фудбалери. Членови  на навивачката група „Рибари“ самоиницијативно допатуваа и ги бодреа нашите фудбалери, помагајќи им во остварување на целта и обезбедување на пласман во осминафиналето од Купот на Македонија.

Како клуб сакаме да изразиме благодарност до „Рибари“ за континуираната подршка во изминатиот период кога клубот се соочуваше со голем број на предизвици. Од самиот почеток секогаш кога постоеше можност, независно од времето и локацијата, несебично не следевте и подржувавте во сите подеми и падови. Заедно успеавме да направиме ФK Охрид повторно да биде успешна приказна и да игра значајна улога во македонскиот фудбал.  Само напред момци и сплотено во нови победи! Напред Охрид“, велат од редовите на Охрид.

Творци на победата на Охрид на гостувањето во Градско беа Александар Бакулески и Сашо Шопоски.