• Мартин Танасковски

Екипата на Арсими оствари победа на гостувањето кај Борец во натпревар кој изобилуваше со голови (2-4) во рамки на Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ).
- Борец - Арсими 2-4:
Велешани остануваат заковани на дното во ВМФЛ и со минимални шанси за спас. Иако Борец водеше на паузата, сепак, мора да се помири со поразот од ривалот. По првиот дел резултатот гласеше 2-1 за Борец, стрелци за домашните беа Јосиф Манасиев и Влатко Стојановски, додека за гостинот реализира Абдулвахит Мурати. Во второто полувреме, Мурати израмни на 2-2, потоа Шпенд Асани со два гола ги постави конечните 2-4.
- Детонит Плачковица - Охрид 1-1:
Голови понуди и натпреварот меѓу Детонит Плачковица и Охрид, по еден во двете мрежи. Дуелот во Радовиш заврши со резултат 1-1. Домаќинот прв дојде до предност кога во 38. минута Филип Димоски донесе 1-0, а пред самиот финиш, во 82. минута, охриѓани ги спаси од пораз Филип Ѓоргоски.
Мрежите мируваа на два натпревари во ВМФЛ. Без голови со најнепопуларниот фудбалски резултат одиграа Саса и Тетекс, односно Караорман и Кожуф. Во текот на вчерашниот ден, победи забележаа Гостивар над Слога Виница (5-0), односно Беса против Беласица (3-0).
Натпреварот меѓу Локомотива Пехчево и Вардар ќе заврши подоцна од останатите затоа што стартот доцнеше петнаесетина минути. Колото ќе го комплетираат Воска Спорт и Пелистер, чија средба беше поместена за во среда.