Огромен скандал: Одземена шампионската титула поради местење натпревари!

Белорускиот фудбал го тресе огромен скандал поврзан со местење натпревари во минатите неколку сезони. Одземена му е шампионската титула на минатогодишниот првак, Шахтјор Солгироск, а казнет е и вицешампионот, екипата на Енергетик. 

Европската фудбалска унија (УЕФА) дополнително жестоко го казни клубот Шахтјор Солигорск со исфрлање од настапите во евро-куповите, а следната сезона во белоруското првенство ќе го започне со дури триесет бодови помалку. Огромна казна заработи и екипата на Енергетик, која ќе мора новата сезонава да ја стартува со негатива од дваесет бодови и се чини дека двата клуба грчевито ќе се борат за опстанокот во елитниот белоруски фудбал догодина. 

Ова значи дека двата клуба добиваат севкупна казна од огромни педесет бодови, нешто што не е никогаш видено во белорускиот, а можеби и во европскиот фудбал. Шахтјор и Енергетик беа обвинети за местење натпревари преку „купување“ судии и други официјални лица, поткупување на судиската комисија која делегирала „пожелни“ арбитри за нивните натпревари, а целиот случај доби и судска разврска во која беа докажани сомнежите за сторените прекршоци. Доживотна забрана за извршување било каква функција во спортот добија и неколку вработени во судиската и дисциплинската комисија на белорускиот фудбал. 

Шахтјор Солигорск останува без шампионската круна за 2022 година, клубот нема да се натпреварува во квалификациите за Лигата на шампионите летово, а дополнително ќе мора да плати и казна во висина од 300.000 евра. За Енергетик казната е малку поблага и тие ќе мораат да исплатат 150.000 евра, а добиваат и забрана за трансфери во следните два преодни рока.