• Мартин Танасковски

Наполи го игра можеби најдобриот фудбал во Европа и е на прагот да ја освои Серија А. Игра и историско четвртфинале во Лигата на шампионите, а тоа донесе скок на цената на сите фудбалери на најновото рангирање на специјализираната интернет-страница за трансфери „Трансфермаркт“.
Очекувано, најголемиот раст на цената на трансфер-пазарот го има Виктор Осимен. Еден од најдобрите стрелци во европскиот фудбал сега е проценет на 100 милиони евра, што е скок на цената за 30 милиони евра.
Скок на цената има и ѕвездата во европскиот фудбал, хитот Квича Кварчкелија. Грузиецот кој игра на крилната позиција е во страшна форма, моментално „Трансфермаркт“ го проценува на 85 милиони евра, што е скок за 25 милиони евра. Колку за илустрација за растот на Квича, Наполи го купи за само 18 милиони евра.
Од добрата форма на Наполи профитира и Ељиф Елмас. Македонскиот репрезентативец доби повисока цена на најновото рангирање на кое стои дека вреди 26 милиони евра, што е за три милиони повеќе. Цената на Наполи исто така е скокната на 543 милиони евра, тоа е клубот со најголем раст.
Најголем губитник на цената е Пол Погба, кој поради повредата не игра долго време за Јувентус и неговата вредност падна на 20 милиони евра, што е најниско по 2013 година. Од македонските репрезентативци падна цената на Енис Барди за еден милион (5.000.000 евра) и Езџан Алиоски за 1,7 милиони евра (4.800.000 евра), а раст има Валон Етеми (1,8 милиони евра).