ВИДЕО: Огромен инцидент во Прага по мечот меѓу Спарта и Галатасарај

Немили сцени беа забележани на натпреварот од Лига Европа помеѓу Спарта Прага и Галатасарај. Турскиот гигант доживеа болна елиминација од чешкиот тим, а откако мечот заврши, се случи голем инцидент во кој учествуваа скоро сите играчи, како и членови на стручните штабови. 

Се чини дека најголеми последици доби играчот на Спарта, Матеј Ринеш, кој беше суспендиран за овој меч поради жолти картони, но тоа не го спречи да влезе во жесток физички дуел со еден од членовите на стручниот штаб на Галатасарај. 

Ринеш се обиде да се пресмета со претставникот на турскиот тим, по што доби удар со нога директно во стомакот, а во овој момент тепачката се „разгоре“ уште повеќе. Мораа да интервенираат полицијата, обезбедувањето и делегатите, а целата ситуација се смири дури откако тренерот Окан Бурук ги повлече играчите во соблекувалната. 

Сепак, Бурук доби црвен картон поради жестоките реакции, а УЕФА сигурно ќе изрече ригорозни казни за двата клуба. Спарта Прага мина во осминафиналето од Лига Европа и таму ќе се соочи со англискиот гигант Ливерпул, а дополнителен проблем за Чесите ќе биде и ако дел од играчите добијат суспензија за настап токму поради големиот инцидент на мечот против Галатасарај.