• Мартин Танасковски

Екипата на Манчестер Сити имаше сигурно водство, но на крајот се тресеше за победата против Фулам (5-4) во меч кој беше вистински спектакл и уживање за сите љубители на фудбалот. Екипата на Пеп Гвардиола имаше предност од 1-5, ама на крајот едвај спасуваше триумф. Фулам беше толку агресивен во финишот, а гостинот спаси во екстра-времето ситуација за гол од самата гол-линија.
- Фулам - Манчестер Сити 4-5:
Манчестер Сити настапи со најсилниот состав и уште од самиот почеток го контролираше натпреварот. Во 17. минута Доку од левата страна испрати прецизно нафрлување, а Ерлинг Халанд рутински погоди за 0-1. Норвежанецот повторно беше во центарот на акцијата во 37. минута, кога со мајсторски потег со пета го проигра Рејндерс, кој сам пред голманот стрелаше за 0-2. Само седум минути подоцна, Фил Фоден постигна вистински европогодок. По одбиена топка од корнер, тој од 22 до 23 метри упати неодбранлив удар за 0-3 и најави тежок пораз за Фулам. Сепак, во судиското продолжение од првото полувреме, Смит-Роу по нафрлување од Вилсон успеа со глава да го совлада Донарума и да намали на 1-3. Веднаш на стартот од второто полувреме, во 48. минута, Сити изведе брза контра која заврши со уште еден прецизен удар на Фоден за 1-4. Само шест минути подоцна, Доку се запиша во листата на стрелци – украде топка во пресинг и од работ на шеснаесетникот упати удар кој по контакт со Берге ја измами домашната одбрана за 1-5.
Но Фулам не се предаде. Во 57. минута Алекс Ивоби намали со убав погодок од дистанца за 2-5. Во 73. минута Чуквуезе ја искористи лошата интервенција на Силва и со прецизен удар го намали резултатот на 3-5. Само пет минути подоцна, истата комбинација повторно ја казни одбраната на Сити – Чуквуезе уште еднаш беше најбрз на одбиена топка и реализираше за 4-5. Домаќините имаа и извонредна можност за израмнување во последните секунди од мечот. Кинг веќе го мина Донарума, но Гвардиол реагираше во последен момент и исфрли топка од гол-линијата, спречувајќи шокантно израмнување. Сити успеа да ја сочува победата, но одбраната остави многу простор за загриженост, особено по двата примени гола против Лидс само неколку дена претходно.
Во вториот премиерлигашки натпревар, Борнмут го пречека Евертон, a победија „карамелите“ со 1-0. Домашниот тим немаше многу можности во првото полувреме. Во продолжението Борнмут се ослободи и почесто напаѓаше, а Милосављевиќ имаше и една полушанса со удар со глава од тешка позиција. Но токму кога домашните започнаа да притискаат, Евертон го постигна решавачкиот гол. Во 78. минута Џек Грилиш од околу 20 метри упати удар кој по контакт со Диаките ја измами топката и го совлада Петровиќ за 0-1. До крајот на дуелот резултатот не се промени, па Евертон запиша важни бодови во борбата за опстанок, додека Борнмут продолжи да тоне на табелата.








