• Мартин Танасковски
Шпански Реал Мадрид и официјално го потврди враќањето на Жозе Мурињо на клупата на најтрофејниот европски клуб. Одлуката била донесена на денешниот состанок на управниот одбор предводен од претседателот Флорентино Перез, по што Португалецот беше именуван за нов шеф на стручниот штаб.
Мурињо потпиша договор со „кралскиот клуб“ до 30 јуни 2029 година, а својот втор мандат во Мадрид ќе го започне со стартот на летните подготовки, закажани за 13 јули. За да го ангажира искусниот стратег, Реал Мадрид ќе ѝ исплати на Бенфика обештетување во висина од 15 милиони евра, со оглед на тоа што Мурињо доаѓа од португалскиот гигант.
За 63-годишниот тренер ова ќе биде втор престој на „Сантијаго Бернабеу“. Тој првпат го водеше Реал Мадрид во периодот од 2010 до 2013 година, кога освои една титула во Ла Лига, еден Куп на Шпанија и еден Суперкуп на Шпанија.

