ОФИЦИЈАЛНО: Вардар назначи нов тренер за сезоната!

Македонскиот фудбалски првак Вардар има нов тренер, откако потпиша договор со црногорскиот стратег Миодраг „Гроф“ Божовиќ, екс-тренер на Црвена Звезда со која стана шампион. Црногорецот доаѓа на местото на Матија Мирков, кој како в.д тренер го водеше клубот по заминувањето на Аргентинецот Кристијан Фабијани.

Божовиќ е поранешен црногорски фудбалер и еден од најпознатите тренери од регионот. Роден е на 22 јуни 1968 година во Мојковац, а зад себе има богата играчка и тренерска кариера. Како фудбалер настапуваше за Будуќност од Подгорица, Црвена звезда, индонезиската Пелита, кипарскиот АПОП, холандскиот РКЦ Валвајк, јапонската Ависпа Фукуока и Розендал, каде што на само 30 години ја заврши професионалната кариера и се посвети на тренерската работа.

Тренерската кариера ја започна во белградски ФК Београд, а потоа беше помошник тренер во јапонскиот Сапоро. Поголемата афирмација ја стекна на клупата на Борец Чачак, кој го водеше во неколку наврати и со кој го оствари најдобриот пласман во историјата на клубот, шестото место во српското првенство. Во сезоната 2006/07 беше тренер на Будуќност и ја одведе до вицешампионската титула во Црна Гора. Работеше и во кипарскиот АЕП Пафос, Хајдук Београд и Обилиќ, пред во 2008 година да замине во Русија. Таму помина седум успешни години водејќи ги Амкар Перм, ФК Москва, Динамо Москва, Ростов и Локомотив Москва. Со Ростов го освои Купот на Русија во 2014 година, додека со Амкар и ФК Москва стигна до историско четврто место во руската Премиер лига.

Во мај 2015 година седна на клупата на Црвена звезда. Иако не успеа да остави поголем белег во европските натпреварувања, Божовиќ ја предводеше екипата до убедлива шампионска титула во Србија во сезоната 2015/16, поставувајќи и рекорд од 24 последователни победи. Во сезоната 2016/17 Црвена звезда долго време беше лидер во шампионатот, но три кола пред крајот ја загуби првата позиција, по што Божовиќ поднесе оставка. На клупата на белградскиот гигант забележа 62 победи, 11 нерешени натпревари и 10 порази на вкупно 83 натпревари. По Црвена Звезда, Божовиќ работеше пак во Русија, во Арсенал Тула и Крилја Советов, а исто така ги водеше и Нефтчи Баку од Азербејџан и Естеглал од Иран.

Со ФК Вардар АД, Божовиќ потпиша договор до јуни, 2028 година.

Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.