ОФИЦИЈАЛНО: Томас Тухел во Баерн до 2025 година

Екипата на Баерн Минхен ја потврди разделбата со Јулијан Нагелсман и за нов тренер на првиот тим го назначи германскиот стручњак Томас Тухел.

Тухел доаѓа во Баерн Минхен како слободен и доби договор до 2025 година. 35-годишниот Нагелсман претходно спогодбено го раскина договорот со „баварците“, а зад своето име во една година има две титули, во Суперкупот на Германија во 2021 и 2022 година.

49-годишниот Тухел доаѓа по инсистирање на клупските легенди Оливер Кан и Хасан Салихамиџиќ кои му посакаа добредојде и сметаат дека германскиот стручњак е вистинското решение за Баерн.

Тухел последниот ангажман го имаше во Челзи со кого ја освои Лигата на шампионите, а потоа и европскиот Суперкуп и Светското клупско првенство. Беше дел и од ПСЖ со кого дојде до финалето на ЛШ, а претходно ги водеше Мајнц и Борусија Дортмунд.

Тухел на тренерското столче на клубот од Минхен ќе дебитира на 1 април против неговиот поранешен клуб Дортмунд.