ОФИЦИЈАЛНО: Костадинов потпиша со Пјаст Гливице до 2025 година!

Откако веќе беше најавено, сега и официјално Тихомир Костадинов има нов клуб. Фудбалерот за врска на репрезентацијата на Македонија ќе ја продолжи кариерата во Пјаст Гливице од Полска. 

Клубот од полската Екстракласа го потврди потписот со 25-годишникот кој парафираше договор до јуни 2025 година. Костадинов го изрази своето задоволство за трансферот и нагласи дека ова е чекор напред во кариерата. 

„Одлуката беше лесна. Доаѓањето тука е чекор напред за мене во кариерата. Пјаст е голем клуб, а Екстракласа е силна лига, па ќе му пријадм на предизвикот сериозно и едвај ги чекам првите задолженија. Многу сум благодарен за шансата да заиграм во Гливице. Се приклучувам на тим кој пред неколку години беше првак. Би сакал да постигнувам голови, но и да му помогнам на Пјаст со мојата игра“, смета Костадинов. 

Во редовите на Пјаст, Костадинов доаѓа од таборот на Ружомберок. Претходно играчот за врска во Словачка настапуваше и за Злате Моравче и Бањска Бистрица, додека во домашниот шампионат играше во екипата на Тетекс. 

Костадинов е стандарден член на најискусната репрезентација на Македонија. Беше дел од тимот кој настапи на Европското првенство и се наоѓа на сите списоци, па трансферот во Пјаст може да ѝ помогне и на селекцијата која ја води Милевски.