ОФИЦИЈАЛНО: Тихо Костадинов има нов клуб, од Полска се сели во Чешка!

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Тихомир Костадинов, се реши за нов предизвик во својата кариера и од Полска се сели во Чешка.

Неговите обврски со Пиаст Гливице завршија со крајот на сезоната во Полска и 29-годишниот играч за врска својата кариера ќе ја продолжи во чешки Сигма Оломуц.

„Решив да се преселам во Сигма затоа што мислам дека дефинитивно е чекор напред за мене во кариерата. Чешката лига е една од десетте најдобри лиги во Европа, па затоа ќе биде добар предизвик за мене. Се сретнав со спортскиот директор и тренерот и имав многу позитивно чувство од тоа.

Имам многу пријатели кои играле и сè уште играат во чешката лига. Сите ми кажаа дека е високо квалитетна и брза лига. Со нетрпение очекувам да го одиграм првиот натпревар и да ја споредам со натпреварувањата каде што сум играл досега“, рече Тихомир Костадинов на промоцијата.

Костадинов на новите соиграчи ќе им се придружи пред тренинг-кампот во Австрија. Моментално е на заслужен одмор по продолжената сезона со репрезентацијата.