• Иван Димовски
Најтрофејниот италијански клуб ,Јувентус, го промовира новиот тренер. Името беше „јавна тајна“, па само формално се чекаше промоцијата на Тиаго Мота. Човекот кој блесна на клупата на Болоња и ја одведе до историски пласман во Лигата на шампионите е наследник на Масимилијано Алегри во Јувентус.
Мота со „старата дама“ парафира соработка до јуни 2027 година, односно на три сезони. Клубот му го довери проектот на еден од најбараните млади и перспективни италијански тренери.
Самиот Тиаго Мота беше среќен и при промоцијата не го криеше тоа.
„Навистина сум среќен за почетокот на моето ново искуство на клупата на голем клуб како Јувентус. Благодарност до сопствениците и менаџментот, верувајте ми дека ќе ги бранам боите на Јувентус и ќе направам сè за навивачите да бидат среќни“, изјави Мота.
Јувентус преку социјалните мрежи го најави потписот со Мота, а конечно дојде и до негова промоција. Минатата сезона тимот од Торино заврши на третото место и во следната ќе се натпреварува во Лигата на шампионите.
Целите на Јувентус со Мота се враќање на победничките патеки и во битката за трофеите во Италија и Европа.