ОФИЦИЈАЛНО: Стефано Пиоли заминува од Милан

Тоа што веќе долго време се најавуваше, сега доби и официјализација. Стефано Пиоли од следната сезона нема повеќе да биде тренер на Милан

„Росонерите“ преку официјално соопштение потврди дека натпреварот со Салернитана во последното коло ќе биде последен за Пиоли на клупата. По четири ипол години стратегот заминува од Милан и ќе побара нов ангажман, а клубот ќе тргне во ново поглавје. 

„Милан и Стефано Пиоли можат да потврдат дека тој заминува по крајот на сезоната, откако го водеше тимот од октомври 2019 година“, стои во соопштението.

Откако седна на клупата на Милан, Пиоли го водеше тимот на 239 официјални натпревари на кои запиша 132 победи, 55 нерешени и 52 порази, со 1,89 бода во просек. Најдобрата сезона на Стефано Пиоли беше шампионската во 2022 година, а потоа и пласманот во полуфиналето на Лигата на шампионите следната кампања.

Оваа сезона беше турбулентна, Милан беше елиминиран во тешката група во Лигата на шампионите, а не се прослави ниту во Лигата на Европа, додека Серија А ја завршува на втората позиција. Клубот се реши за ново поглавје, па во комбинација за клупата се неколку имиња, а најсериозна опција е Пауло Фонсека.