• Мартин Танасковски
Италијанскиот гигант Милан официјално го потврди назначувањето на Рубен Аморим за нов тренер на првиот тим. Португалскиот стратег пристигнува на „Сан Сиро“ по тренерска кариера во која остави печат во португалскиот и англискиот фудбал.
Аморим ја започна својата тренерска кариера во 2018 година, веднаш по завршувањето на играчките денови, во кои настапуваше за Белененсеш, Бенфика и репрезентацијата на Португалија. По првите искуства во Каса Пиа и Брага, во март 2020 година беше назначен за тренер на Спортинг Лисабон. Токму таму го изгради својот препознатлив стил на игра и започна еден од најуспешните периоди во поновата историја на клубот.
Под негово водство, Спортинг освои две шампионски титули во Португалија, два Лига купа и еден Суперкуп, а истовремено стана препознатлив по развојот на млади фудбалери и модерниот тактички пристап.
„Постојат амбиции кои ве следат низ целата кариера, а тренерската позиција во Милан отсекогаш беше една од нив. Знам што значи овој клуб, историја, престиж и извонредна навивачка база ширум светот. Ова е предизвик што го прифаќам со гордост и ентузијазам, целосно свесен за тежината на овие бои. Едвај чекам да започнам и секојдневно да ја чувствувам страста што го движи Милан“, изјави Аморим по потпишувањето на договорот.
Пред доаѓањето во Милан, Аморим беше тренер на Манчестер Јунајтед, а сега го презема кормилото на седумкратниот европски шампион. Од Милан му посакаа топло добредојде на новиот тренер и неговиот стручен штаб, со надеж дека Португалецот ќе го врати клубот на самиот врв на италијанскиот и европскиот фудбал.
