• Иван Димовски
Хартс и официјално го потврди трансферот на Роџерс Мато, кој ќе ја продолжи кариерата во Шкотска уште во текот на зимскиот преоден рок.
Шкотскиот клуб уште пред неколку недели го договори фудбалерот од Уганда од следната сезона во слободен трансфер, Сепак, плановите на клубот од Единбург се сменија по повредата на напаѓачот Лоренц Шакланд. Неговото отсуство од 6-8 недели ја натера клупската управа да се врати на пазарот и веднаш да ангажира напаѓач. Со оглед на тоа што Мато веќе беше потпишан и скаутиран, стручниот штаб и клупската управа решиле да отпочнат преговори со Вардар за ангажман на фудбалерот порано од предвиденото.
Двата клуба попладнево потврдија дека е договорена позајмица од февруари до јуни, па првиот стрелец во ПМФЛ веднаш може да му се стави на располагање на лидерот во шкотската Премиер лига.
„Вардар ја информира јавноста дека фудбалерот Роџерс Кассим Мато ќе настапува за Хартс (Шкотска) како позајмен играч до крајот на сезоната.
Му посакуваме многу успех и среќа во новиот предизвик“, соопштија од Вардар.
Крилниот фудбалер си заминува од Вардар по пресврт во преговорите, иако првичниот договор предвидуваше летен трансфер без обештетување. Сепак, Хартс реши веднаш да го ангажира играчот и прифати да плати отштета.
Според неофицијалните информации, оваа зделка се најавува како рекордна за македонскиот фудбал. Мато до јуни ќе игра како позајмен фудбалер во редовите на Хартс.
Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.





