• Мартин Танасковски
Реал Мадрид официјално го потврди ангажманот на шпанскиот репрезентативец Марк Кукуреља, кој пристигнува од редовите на Челзи.
Левиот бек потпиша долгорочен договор со „кралскиот клуб“ до 2032 година, а според шпанските и англиските медиуми трансферот е вреден 60 милиони евра. Од таа сума, 55 милиони евра се фиксно обештетување, додека дополнителни пет милиони евра се предвидени преку бонуси. Кукуреља минатото лето го продолжи договорот со Челзи до 2029 година, но лондонскиот клуб сепак одлучи да ја прифати понудата од Мадрид.
За 27-годишниот дефанзивец интерес покажуваа повеќе европски гиганти. Во игра беа Атлетико Мадрид и Барселона, а медиумите пишуваа дека негов ангажман посакувал и новиот менаџер на Манчестер Сити, Енцо Мареска.
Кукуреља зад себе има одлична сезона во дресот на Челзи. Во натпреварувачката 2025/26 одигра 50 натпревари за лондонскиот клуб, а вкупно запиша 150 настапи откако пристигна од Брајтон во 2022 година. Со Челзи освои трофеи во Конференциската лига и Светското клупско првенство во 2025 година, а во изминатиот период беше еден од најстандардните играчи во составот на „сините“.
Во моментов Кукуреља е дел од шпанската репрезентација на Светското првенство 2026, каде „црвената фурија“ настапува во група со Зеленортските Острови, Саудиска Арабија и Уругвај.

