ОФИЦИЈАЛНО: Погба му се враќа на фудбалот во Монако

Поранешниот играч од средниот ред на Манчестер Јунајтед и Јувентус, Пол Погба, официјално потпиша за француски Монако. Погба се согласи на двегодишен договор со францускиот клуб од Лига 1 откако одби профитабилна понуда од Саудиска Арабија.

Во февруари 2024 година, Погба беше суспендиран на четири години поради позитивен тест на забранета супстанца. Но, во октомври неговата забрана беше намалена на 18 месеци по жалба до Арбитражниот суд за спорт.

Суспензијата официјално заврши во март оваа година. Во разговор за „ЕСПН, Погба тогаш призна дека по неговата почетна четиригодишна суспензија размислувал да ја заврши кариерата. 

Погба последен пат играше во септември 2023 година, кога одигра 29 минути за Јувентус. Тој не одиграл цел натпревар од март 2022 година, кога го носеше дресот на Манчестер Јунајтед. Погба со својата Франција го освои Светското првенство во Русија во 2018 година.