ОФИЦИЈАЛНО: ПМФЛ продолжува, ќе се игра цело лето и БЕЗ ИСПАЃАЊЕ!

Комисијата за натпреварување во рамки на Фудбалската федерација на Македонија на денешниот состанок донесе предлог одлуки за продолжување на натпреварувачката сезона 2019/20 од ПМФЛ, која беше прекината во март поради епидемијата ковид-19.

По двата состаноци во „Ќука на фудбалот“ со претставници на клубовите од ПМФЛ и имајќи ја в предвид епидемиолошката ситуација во државата, одобрувањето за продолжување на натпреварувањето, Комисјата за натпреварување го донесе по препорака и на Институтот за јавно здравје, чии претставници го потврдија здравствениот протокол за враќање на фудбалските, екипи од ПМФЛ на тренинзите и натпреварите со целосна одговорност, враќањето на теренитe да биде максимално сигурно за сите учесници.

Како резултат на неизвесноста која во македонскиот фудбал ја донесе здравствената криза предизвикана од пандемијата ковид-19, во изминатиот период Фудбалската федерација на Македонија имаше цел да направи сѐ што може успешно да се заврши натпреварувањето во ПМФЛ, пред сѐ од спортски причини, но и затоа што на овој начин праќаме порака со охрабрување до фудбалското семејство - враќањето на фудбалот сигурно е одличен знак дека продолжуваме со секојдневните задачи и обврски, но исто така праќаме силна порака и до УЕФА дека сме успеале да ја избегнеме „црната фудбалска зона“ во која влегоа само неколку држави кои решија да ја прекинат фудбалската сезона, а речиси сите држави од нашиот регион според своите услови ги продолжуваат националните првенства.

Натпреварувачката комисија во ФФМ, заедно со раководството на федерацијата, одговорно и транспарентно, почитувајќи ги препораките на претставниците на клубовите предложи три можни сценарија за завршување на сезоната и донесе одлука првенството да се доигра во скратен систем, односно по предлогот кој беше најприфатлив за повеќето од клубовите во ПМФЛ.

  • -Одигрување на четирите преостанати кола од третиот круг, а потоа преминување на одигрување на плеј-оф (првите шест екипи по завршување на третиот круг). Првопласираните три екипи по крајот од плеј-офот се стекнуваат со право на учество во УЕФА европските натпреварувања. Плеј-аут (последно пласираните четири екипи по завршување на третиот круг) БЕЗ ИСПАЃАЊЕ на последните две екипи по крајот од плеј-аут фазата. Одигрување на Купот на Македонија со еден полуфинален натпревар и финален натпревар. Победникот од Купот на Македонија обезбедува пласман во УЕФА европските натпреварувања

Комисијата за натпреварување во ФФМ ќе предложи продолжување на првенството во термин од 14 до 21 јуни, а за предложените датуми ќе се информираат и во координативниот кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус ковид-19.

Сите натпревари ќе се играат без присуство на гледачи на стадионите, а ќе биде ограничен и бројот на присутни лица кои ќе бидат дел од организацијата на натпреварите. Исто така, фудбалерите, стручните штабови и сите други лица вклучени во тимовите, како и официјалните лица на натпреварите се обврзани да го почитуваат здравствениот протокол за одигрување на натпревари.

Екипите од ВМФЛ нема да го продолжат натпреварувањето од сезоната 2019/20, а Комисијата за натпреварување препорачува истото да го следат и тимовите од Третата лига, како и останатите пониски лиги.