ОФИЦИЈАЛНО: Мурињо се враќа во Серија А и ќе ја преземе клупата на Рома

Само неколку часа по објавата на Рома дека Пауло Фонсека нема да биде тренер на екипата од главниот град на Италија следната сезона, култниот поранешен шампион на Италија објави дека Жозе Мурињо е неговиот наследник.

Клубот на социјалните медиуми обелодени оскудна информација дека Мурињо ќе биде предводник на Рома за сезоната 2021/22, што е своевидно враќање на Португалецот во Серија А. Како тренер на Интер, Мурињо освои тројна круна или вкупно пет трофеи во две сезони.

Мурињо доживеа тешки денови во Англија, бидејќи во последните пет сезони доби три откази среде сезона како менаџер на Челзи, Манчестер Јунајтед и Тотенхем.

Не се познати деталите од договорот, но со сигурност американските сопственици издвоиле голема сума на пари за годишната плата на Мурињо, која нема да изнесува помалку од десет милиони евра по сезона.