• Иван Димовски
Манчестер Јунајтед продолжи со трошењето на високи суми за трансфери, а нов фудбалер на „црвените ѓаволи“ е Матеус Куња.
Досегашната ѕвезда на Вулверхемптон за сума од 74 милиони евра се сели на „Олд Трафорд“. Бразилскиот напаѓач блесна минатата сезона во Премиер лигата и ги натера челниците на Јунајтед пак да го одврзат ќесето за уште една опција за нападот.
„Манчестер Јунајтед со задоволство го потврдува трансферот на Матеус Куња од Вулверхемптон. 26-годишникот потпиша договор до јуни 2030 година со опција за продолжување на уште една“, соопшти клубот.
Матеус Куња ќе се стави на располагање на Рубен Аморим на стартот на летните подготовки. Во следната сезона Манчестер Јунајтед нема да игра во Европа по катастрофалниот пласман во Премиер лигата и загубеното финале во Лигата на Европа.