• Мартин Танасковски
Екипата на Интер Мајами заврши голема работа, затоа што потпиша нов договор со Лионел Меси до 2028 година. Со овој потег, практично, Меси ќе остане во американскиот град до крајот на кариерата, затоа што кога овој договор ќе му заврши тој ќе има 42 години. По завршувањето на регуларниот дел од сезоната во МЛС-лигата, Меси и клубот беа во напредна фаза на преговори за нов договор, по што следеше официјалното потпишување.
Меси ја заврши сезоната со неверојатен учинок од вкупно 48 голови и асистенции, со што уште еднаш потврди дека и на 38-годишна возраст останува на највисоко ниво. Во последниот натпревар од регуларната сезона, Интер Мајами го совлада Нешвил со убедливи 5-2, а Меси повторно блесна со хет-трик и една асистенција. Со овој триумф, фудбалерите на тимот од Мајами го обезбедија второто место на табелата и обезбедија поволна стартна позиција за плејофите.
Во првото коло од завршницата, клубот од Флорида повторно ќе се сретне со Нешвил, а форматот на плејофот во МЛС е различен од оној во европските натпреварувања, победникот од секоја серија се определува по системот „два од три“, односно екипата што ќе оствари две победи ќе се пласира во следната рунда.




