• Горан Упале
Легендарната „седумка“ на Манчестер Јунајтед одново е на грбот на Роналдо! Ова вечерва го потврди англискиот гигант на социјалните мрежи. Кристијано Роналдо е најзвучниот трансфер во англиската Премиер лига ова лето. Португалецот го напушти Јувентус и се врати во Манчестер Јунајтед, а долго време се говореше кој број тој ќе го носи во тимот.
„Седумката“, со која што се прослави во својата прва ера на „Олд Трафорд“, беше зафатена поради фактот дека Единсон Кавани ја носеше изминатата и оваа сезона. Но, бидејќи овој број е заштитен знак на Роналдо, Единсон Кавани реши да направи голем потег и да му ја врати. Уругваецот, сезоната ќе ја продолжи со бројот 21, кој го носи и за репрезентацијата.
Правилата на Премиер лигата гласат дека Роналдо може да ја носи „седумката“ само ако Кавани си оди од клубот, меѓутоа, ФА го прифати барањето на Манчестер Јунајтед, затоа што Кавани потпишал дека своеволно ја отстапува.
Роналдо ќе дебитира за Манчестер Јунајтед во следното премиерлигашко коло против Њукасл, на 11 септември.

