ОФИЦИЈАЛНО: Легенда на Марсеј е наследникот на Де Зерби

Олимпик Марсеј направи промена на тренерската позиција и за нов шеф на стручниот штаб го назначи поранешниот играч на клубот, Хабиб Беје. 48-годишниот стратег се враќа во Марсеј само десетина дена откако доби отказ на клупата на Рен, а сега доби доверба да го води клубот каде што настапуваше како фудбалер.

„Олимпик Марсеј го објавува именувањето на Хабиб Беје за тренер на првиот тим. Добредојде дома, Хабиб!“, соопшти францускиот клуб.

Беје го носеше дресот на Марсеј во периодот од 2003 до 2007 година, кога како дефанзивец одигра 174 натпревари и постигна два гола.

На клупата го наследува Роберто Де Зерби, кој беше разрешен по тешкиот пораз од ПСЖ со 0-5. Марсеј во моментов се наоѓа на четвртото место во Лига 1 со 40 бодови по 22 одиграни кола, со значително заостанување зад водечките екипи, што ќе биде главен предизвик за новиот тренер во продолжението од сезоната.