ОФИЦИЈАЛНО: Конте го презеде кормилото на Тотенхем!

Вчерашните најави денес добија потврда - Тотенхем има нов менаџер. Антонио Конте ќе го наследи Нуно Еспирито Санто на клупата на „петлите“, откако денес италијанскиот стратег беше претставен на „Тотенхем Стадиум“.

За 52-годишниот стратег ова значи враќање во најсилното фудбалско натпреварување на светот, а Лондон е негов познат терен. 

Во својата богата тренерска кариера, Конте меѓу другото беше и на чело на Челзи, клуб со кој и освои трофеј во Премиер лигата. Италијанецот потпиша договор до летото 2023 година, а уште денес ќе го одржи првиот тренинг со новите избраници.

Тотенхем бележи лоши резултати на домашно тло, а отказот на Нуно дојде по трите порази на последните пет натпревари во домашното првенство. Конте во Лондон доаѓа како шампион на Италија, откако минатата сезона со својот Интер ја прекина доминацијата на Јувентус, но во летниот период се реши да се раздели со миланскиот гигант.