• Иван Димовски
Фудбалскиот клуб Јувентус добива нов тренер, бидејќи беше прекината соработката со Масимилијано Алегри. Италијанскиот стратег не беше во најдобри односи со менаџментот на тимот, па и покрај тоа што пред само два дена го освои трофејот во Копа Италија, дојде до прекин на соработката.
За денес беше закажан состанок меѓу Алегри и директорите на Јувентус, а на него требаше да падне одлука дали тренерот ќе добие отказ веднаш или ќе се почека крајот на сезоната. Клубот објави соопштение во кое објасни дека отказот следи по непримерното однесување на Алегри за време на финалето во Купот против Аталанта.
„Јувентус објавува дека Масимилијано Алегри е ослободен од должноста тренер на првиот тим.
Отказот доаѓа по одредени испади во однесувањето за време и по мечот од Купот на Италија, кои се некомпатибилни со вредностите на Јувентус“, стои во соопштението.
На клупата на „старата дама“ Алегри седеше во две етапи на 420 официјални натпревари. Прво тој го водеше тимот од 2014 до 2019 година, а потоа во 2021 се врати на клупата на Јуве и имаше договор до следното лето.
Massimiliano Allegri non è più l’allenatore della Juventus F.C.
— JuventusFC (@juventusfc) May 17, 2024
Сепак, резултатите во последните две сезони ги натераа челниците на клубот да размислат за иднината и дури и да не беше испадот во Купот, Алегри беше на излезните врати.