• Мартин Танасковски
Фудбалската федерација на Иран официјално потврди дека земјата ќе учествува на Светско првенство 2026, кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико. Настапот на Иран беше доведен во прашање поради тензиите и конфликтите на Блискиот Исток што ескалираа по нападите на САД и Израел кон крајот на февруари.
„Без никакво сомневање ќе учествуваме на Светското првенство 2026, но земјите домаќини мора да ги земат предвид нашите загрижености“, соопшти иранската федерација.
Од Техеран порачаа дека репрезентацијата ќе настапи на турнирот, но без откажување од своите „уверувања, култура и принципи“.
„Ниту една странска сила не може да му го одземе на Иран правото да игра на натпреварување за кое заслужено се квалификуваше“, се додава во соопштението.
Претседателот на федерацијата Мехди Таџ откри дека Иран поставил десет услови за учество на Мундијалот. Меѓу барањата се гаранции за издавање визи, почитување на членовите на репрезентацијата, како и на иранското знаме и химна. Дополнително, Иран бара засилени безбедносни мерки на аеродромите, во хотелите и на рутите кон стадионите каде што ќе игра националниот тим.












