• Иван Димовски
Колумбискиот фудбалер Хамес Родригез на 34 години ја продолжува кариерата во САД и ќе игра во МЛС лигата. Искусниот офанзивец реши новото поглавје да го отвори во земјата каде што посакува да настапи со репрезентацијата на Светското првенство ова лето.
Негов нов клуб е Минесота Јунајтед, кој официјално го потврди трансферот. Од клубот соопштија дека за целосна реализација се чека уште меѓународниот сертификат и работната виза. Родригез така ќе ја заврши клупската сезона токму во државата која ќе биде домаќин на следниот Мундијал.
„Многу сум среќен поради новата страница во кариерата. Се надевам дека ќе бидам на највисоко ниво и дека ќе донесам радост за навивачите и градот кои веруваат во мене. Навистина со нетрпение ја очекувам средбата со фановите на Минесота бидејќи и јас сум страствен играч кој секогаш дава сѐ од себе на теренот и за победа“, изјави Колумбиецот.
Минесота е 13. клуб во кариерата на Колумбиецот. Воедно тоа е негов шести клуб во последните шест години, како и шеста различна држава во истиот период. Изминатата година Родригез настапуваше за мексикански Леон.




