ОФИЦИЈАЛНО: Гризман е член на Барса за 120 милиони и клаузула од 800 милиони!

Наговестувањата се обестинија - Антоан Гризман од денес и официјално е нов член на Барселона за втор најголем трансфер во светот ова лето и трет најголем трансфер во историјата на славниот каталонски клуб. Адвокатот на Французинот ја плати клаузулата од 120 милиони евра и Барселона официјално го потврди трансферот.

28-годишниот Гризман го напушта Атлетико Мадрид и по Реал Сосиедад ќе игра во трет шпански клуб. Напаѓачот се обврза на договор до 2024 година, а клаузулата за раскин на договорот изнесува 800 милиони евра. Официјалната презентација на Гризман во Барселона е закажана за следната недела. 

По ангажманот на Нето и Де Јонг и неколку млади фудбалери за својот Б тим, Барса го донесе и третото големо име и ги разреши дилемите и недоразбирањата со Атлетико Мадрид. Клаузулата е платена во кеш, а не на повеќе рати како што бараа Каталонците. По преминот на Жоао Феликс на „Ванда Метрополитано“, овој трансфер е втор најголем во летниот преоден рок. 

Гризман е светски првак и европски вицешампион со Франција, има трофеј од Примера со Атлетико Мадрид, играше две финалиња на Лигата на шампионите, се закити со титулата од Лига Европа и Суперкупот на Европа, но на „Камп Ноу“ доаѓа по нешто повеќе - доаѓа по Лигата на шампионите.

Заедно со Меси и Суарез, Французинот ќе формира ново ударно трио, а веројатно Кутињо или Дембеле ќе биде жртвуван и продаден ова лето. Следна мисија на Барса е враќање на Нејмар, иако пред една недела претседателот Бартомеу негираше дека клубот е загреан за Бразилецот.