ОФИЦИЈАЛНО: Гоце Седлоски пак на клупата на Вардар!

По разделбата со Срѓан Захариевски, фудбалскиот клуб Вардар веднаш го назначи новиот предводник на првиот тим. 

Се работи за добро познато име во вардаровото семејство, Гоце Седлоски кој вторпат во кариерата ќе го води Вардар, а претходно беше и спортски директор. 50-годишникот ќе биде четвртиот нов тренер на вардарци во новата сезона, па останува да се види како ќе се снајде. 

Информацијата за ангажманот на Седлоски клубот ја објави на својот профил на „Твитер“ (сегашно „Икс“). 

„Вардар го назначи Гоце Седлоски за нов шеф на стручниот штаб на клубот“, стои во објавата.

Во својата тренерска кариера Гоце Седлоски работеше како асистент и привремен селектор на Македонија, го водеше Хоризонт Турново, Вардар, Рига, Широки Бријег, вториот тим на Динамо Загреб, Шкупи, Влазниа и Работнички. 

Второто деби на клупата на Вардар ќе го има в сабота против екипата на Шкупи.