ОФИЦИЈАЛНО: Гоце Седлоски го презеде четвртопласираниот тим во албанската лига

Само две недели Гоце Седлоски беше без работа, откако спогодбено го раскина договорот со македонскиот шампион Шкупи. Македонскиот тренер пронајде работа во Албанија и доцна синоќа беше официјализиран неговиот нов ангажман.

Седлоски ќе го предводи албанскиот прволигаш Влазнија, откако синоќа стави потпис на договор на една и пол година со клубот од Скадар. Влазнија е амбициозен проект, во кој со голем успех тренер пред неколку години беше и поранешниот селектор Мирсад Јонуз. 

48-годишникот Седлоски претходно беше тренер на Рига, Широки Бријег и Динамо Загреб, а во Македонија седеше на клупите на Шкупи, Турново и Вардар.

Дебито на Седлоски на клупата на Влазнија се очекува в недела од 18.00 часот против Ерзени.