• Иван Димовски

По две загубени финалиња на Европското првенство, Герет Саутгејт реши да си поднесе оставка од позицијата селектор на Англија.
По речиси осум години (стана селектор на 28 септември 2016 година), по 102 натпревари како кормилар на Англија притисокот на јавноста веројатно го натера Саутгејт да се повлече. Најкритикуваниот селектор на репрезентативната сцена одново беше на мета на навивачите, јавноста и речиси целиот свет поради начинот на кој играше Англија на Европското првенство.
After 102 games and almost eight years in charge, Gareth Southgate has announced he is to leave his role as manager of the #ThreeLions.
— England (@England) July 16, 2024
Иако дотурка до финалето и таму загуби од Шпанија со 2-1, многумина се незадоволни од играта, особено ако се земе в предвид каков состав имаат Англичаните. Тие играа дефанзивно и многу често безидејно, а видливо беше дека се потребни промени. Саутгејт ја прими пораката и реши да си поднесе оставка, иако пред турнирот кажа дека дури и да не станат прваци - тој останува на клупата.
Англија под водство на Саутгејт одигра 102 натпревари. На нив запиша 64 победи, 20 нерешени исходи и 18 порази, постигна 230 и прими 86 погодоци. Сега „Гордиот Албион“ добива нов селектор со кој ќе се претстави во следното издание на Лигата на нациите и Светското првенство во 2026 година.