ОФИЦИЈАЛНО: Фиорентина е во рацете на италијанско-американски милијардер

Екипата на Фиорентина доби нов сопственик, милијардер од Италија, кој најави голем проект и најави дека „виолетовите“ ќе ги врати на старите патеки.

Се работи за Роко Комисо, италијанско-американски милијардер, кој го откупи клубот од семејството Дела Вале за сума измеѓу 160 и 170 милиони евра. Преговорите за откуп на Фиорентина се воделе речиси три години.

„Отсекогаш сум го сакал италијанскиот фудбал и не можам да опишам колкава ми е честа да имам клуб како Фиорентина и да пишувам ново поглавје во историјата. Фиренца е позната низ светот како град кој најдобро ја претставува италијанската култура. Диего и Андреа Дела Вале заслужуваат почит за се што направиле за овој клуб во минатото“, изјави Комисо.

Комисо е сопственик на петтата најголема кабловска телевизија во САД, а исто така е сопственик и на фудбалскиот клуб Њујорк Космос. Роден е во Калабрија, Италија, но се преселил во САД како дете. Тој е меѓу најбогатите 500 луѓе во земјата. 

Богатството на Комисо се проценува на нешто околу 4,4 милијарди долари. Фиорентина добива нов сопственик за првпат по 2002 година, кога тимот го презеде семејството Дела Вале и го спаси од финансиски колапс.