ОФИЦИЈАЛНО: Езџан Алиоски е нов член на турскиот гигант Фенербахче!

Македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски има нов клуб и кариерата ќе ја продолжи во Турција каде ќе го носи дресот на Фенербахче.

Левиот бек минатата година ја мина во Саудиска Арабија каде го носеше дресот на Ал-Ахли. Алиоски поради добрите партии се најде во тимот на сезоната и си обезбеди кам-бек во Европа. Иако тренираше со Ал-Ахли одреден период, Алиоски, сепак, се одлучи за Турција. Оваа вест е добра и за селекторот Благоја Милевски поради поголемиот квалитет на турскиот шампионат.

Крилниот играч последен пат во Европа играше за Лидс Јунајтед во Премиер лигата каде почна растот на неговата кариера. Фенербахче го потврди трансферот на Алиоски, а детали од договорот се најавени наскоро, кога двете страни ќе ги комплетираат личните услови и ќе завршат со деталите.

Езџан Алиоски, кој има 30 години, кариерата ја почна во Швајцарија во 2010 година во У23-тимот на Јанг Бојс. Три години подоцна замина во Шафхаузен, па следеше позајмица во Лугано, каде подоцна беше откупен. Токму во овој клуб Алиоски блесна, па во 2017 година замина во Лидс Јунајтед во чии редови беше до 2021 година. За Ал-Ахли одигра 23 меча, на кои даде шест гола.

Прочитајте повеќе околу тековните трансфери во Македонија и светот на ОВОЈ линк.