• Иван Димовски
Македонскиот репрезентативец Елмин Растодер го комплетира трансферот и официјално стана нов фудбалер на Панатинаикос. Грчкиот великан вечерва го потврди неговото доаѓање, а напаѓачот стави потпис на договор со важност од четири години.
Растодер целата своја кариера ја мина во Швајцарија каде што е и роден. Тој тргна преку академијата на Грасхоперс, а настапуваше и за Цирих и Вадуц, пред да експлодира во дресот на Тун. Зад себе има одлична сезона во која беше еден од најзаслужните за историскиот шампионски успех на оваа екипа која експресно од Втората лига дојде до тронот во Швајцарија.
Македонецот постигна 15 гола и запиша уште шест асистенции, бројки кои го вклучија во радарот на повеќе европски клубови.
Иако имаше и други опции за продолжување на кариерата, Растодер се одлучи за Панатинаикос. Грчкиот клуб за неговите услуги на Тун ќе му исплати околу 3,5 милиони евра.

