ОФИЦИЈАЛНО: Елмас ќе добие нов тренер, Гатузо заработи отказ!

Фудбалерите на Наполи извисија и не се пласираа во Лигата на шампионите, откако одиграа „само“ 1-1 со Верона во последното коло, а ривалите Милан и Јувентус запишаа победи. Македонскиот бисер Ељиф Елмас остана на клупата и не доби шанса за игра во клучниот натпревар.

По неуспехот во трката за елитното натпреварување, првиот човек на Наполи, Аурелио Де Лаурентис се огласи преку официјалната страница на клубот и му посака среќа во понатамошната кариера на Џенаро Гатузо. Италијанецот повеќе нема да биде тренер на Наполи и ќе го напушти клубот. 

„Драг Рино, многу ми е мило што минав речиси две сезони работејќи со тебе. Ти благодарам за добрата работа, ти посакувам успех каде и да те води кариерата“, напиша Де Лаурентис.

Гатузо го презеде Наполи во декември 2019 година, го водеше тимот на 81 натпревар и бележеше солиден просек од 1,89 бод по натпревар. 

Ова можеби ќе биде добра промена за Елмас, кој оваа сезона речиси константно беше резервист и имаше само неколку стартови од првата минута. Во наредниот период ќе биде познато кој ќе ја презеде тренерската палка, а останува да се надеваме дека новиот менаџер ќе му даде повеќе можности за игра на Елмас.