ОФИЦИЈАЛНО: Егзон Бејтулаи потпиша за шведски Хелсинборг

Македонската колонија на интернационалци од денес е побогата за уште еден член. Репрезентативниот бек Егзон Бејтулаи кариерата ја продолжува во Шведска, откако денес беше претставен како нов член на шведскиот прволигаш Хелсингборг.

26-годишниот Бејтулаи се обврза на договор до 2022 година. Иако имаше понуда и од Норчепинг, тетовчанецот се договори со Хелсинборг.

„Среќен што потпишав за Хелсинборг, клуб со одлични навивачи и со добри услови за работа. Чувствував дека ова е вистинското време да играм во странство и покрај понудите што дојдоа на моја адреса. Со Хелсингборг брзо и успешно ги завршивме разговорите.“, кратко изјави Бејтулаи по промоцијата.

Деталите од договорот не се познати за јавноста, но со оглед на тоа што имаше уште шест месеци до истекот на договорот со Шкендија, Бејтулаи веројатно издејствува обештетување за тетовскиот клуб.