ОФИЦИЈАЛНО: Бојан Димоски позајмен во српски Партизан!

Најавите се исполнија и македонскиот репрезентативец Бојан Димоски кариерата ќе ја продолжи во српски Партизан. Гигантот од Белград го официјализира потписот со досегашниот член на руски Акрон. 

23-годишниот лев-бек доаѓа во Србија за својата втора интернационална авантура по настапите за Акрон Тољати. Димоски стави потпис со Партизан на позајмица до крајот на сезоната, а доколку се докаже клубот ќе има опција да го откупи неговиот договор од Русите. Македонскиот бек денес ги мина медицинските тестови и потпиша со Партизан. Доколку челниците на клубот се задоволни од неговите партии, опцијата за откуп е поставена на 200.000 евра. 

Бојан Димоски преку младинските категории на Тетекс и Вардар доби шанса во сениорскиот фудбал. Во 2020 година направи трансфер во Брера, тогаш Академија Пандев и блесна во ПМФЛ. Бргу се етаблира во стандарден првотимец со што се избори за прв трансфер во странство. 

За националниот сениорски тим Димоски дебитираше во јуни 2022 година, а оттогаш за Македонија одигра 18 натпревари.