ОФИЦИЈАЛНО: Азар е нов играч на Реал Мадрид за следните пет сезони!

Големиот трансфер на Еден Азар од Челзи во Реал Мадрид конечно доби потврда.

Еден од најдобрите фудбалери во светот ќе ја продолжи кариерата на „Сантијаго Бернабеу“ каде се очекува да игра во наредните пет години.

Зинедин Зидан го дочека засилувањето кое го посакува многу одамна, поточно од 2010 година. Белгискиот репрезентативец е четвртиот новајлија на „кралевите“ по Јовиќ, Милитао и Родриго.

Во дресот на премиерлигашот, Азар пристигна во 2012 година од Лил и освои две титули во Премиер лигата, а се израдува и на трофејот во Лига Европа пред неколку недели во финалето со Арсенал.

Трансферот е заокружен на околу 100 милиони, кои со дополнителни бонуси би можеле да ја искачат сумата на 140 милиони евра.

Претставувањето на Белгиецот е закажано за 13 јуни, кога треба да ги помине и лекарските прегледи во Мадрид. Платата во новиот клуб на 28-годишникот ќе му биде 15 милиони евра по сезона.