ОФИЦИЈАЛНО: Анчелоти доби отказ - во Неапол наместо славје, потрага по тренер

Неколку часа по победата над Генк и пласманот во осминафиналето на Лигата на шампионите, вицеашмпионот на Италија, Наполи, му врачи отказ на тренерот Карло Анчелоти. Ељиф Елмас ќе добие нов тренер и веројатно наскоро ќе биде промовиран наследникот на Анчелоти, а големи се шансите тоа да биде Џенаро Гатузо.

На прес-конференцијата по натпреварот со Генк, Анчелоти најави дека нема да даде оставка и дека никогаш во кариерата тоа не го направил. Сепак, најавите на медиумите од Неапол уште од доцна синоќа се исполнија и Наполи менува тренер среде сезона. Причината не се резултатите, туку нарушената атмосфера во соблекувалната, која кулминираше со одбивањето на карантинот по натпреварот со Салцбург.

„Клубот одлучи да го смени Карло Анчелоти. Пријателските односи и взаемниот респект помеѓу клубот, претседателот Аурелио де Лаурентис  и Карло Анчелоти остануваат непроменети“, напиша Наполи на Твитер.

Италијанските медиуми „грмат“ по Де Лаурентис, кој пред една и пол година изјави дека во Анчелоти гледа тренер за следните десет години. Очигледно многу работи се променија за краток период или баш и филмскиот продуцент не е вистинскиот човек за Наполи.