• Иван Димовски

Алваро Арбелоа е новиот менаџер на Фулам, откако со премиерлигашот потпиша тригодишен договор. Поранешниот шпански репрезентативец на клупата на лондонскиот клуб го наследува Марко Силва, а ова ќе биде негов прв тренерски ангажман во Премиер лигата.
43-годишниот Арбелоа неодамна кратко го водеше Реал Мадрид, каде што го наследи својот поранешен соиграч од Ливерпул, Чаби Алонсо. По завршувањето на сезоната го напушти „кралскиот клуб“, а на неговото место пристигна Жозе Мурињо. Шпанецот добро го познава англискиот фудбал, бидејќи како играч мина четири сезони во Премиер лигата. Од 2006 до 2009 година го носеше дресот на Ливерпул, а играчката кариера ја заврши во Вест Хем во сезоната 2016/17.
„Чест ми е што започнувам ново поглавје во Фулам, најстариот клуб во Лондон. Чувствувам голема одговорност и им благодарам на господинот Кан и Тони Кан за довербата. Со нетрпение ја очекувам атмосферата на „Крејвен Котиџ“ со навивачите на Фулам и почетокот на подготовките со тимот следната недела. Сигурен сум дека заедно ќе имаме одлично патување. Напред Фулам“, изјави Арбелоа по промоцијата.
Дебито на шпанскиот стратег на клупата на Фулам ќе биде на 24 август, кога неговиот тим ќе се соочи со градскиот ривал Челси, предводен токму од неговиот поранешен соиграч Чаби Алонсо.

