• Мартин Танасковски
Александар Трајковски и официјално има нов клуб откако стави потпис на договор со екипата на Хајдук од Сплит.
Македонскиот фудбалер остана без клуб откако му заврши договорот со Ал-Фејха од Саудиска Арабија, но изгледа дека конечно ја пронајде новата средина и по цели дванаесет години се враќа во Хрватска, каде порано настапуваше за тимот на Интер Запрешиќ.
Офанзивецот имаше понуди од Динамо и Хајдук, но го одбра сплитскиот клуб. Сплиќани добиваат одлично засилување за напаѓачката линија, затоа што Трајковски има огромно искуство и може да биде од голема корист за амбициозниот тим.
Скопјанецот во хрватските медиуми го најавуваат како „човекот кој ја расплака Италија“ и го претставуваат како трансфер-бомба на Хајдук. Се работи за вториот најдобар стрелец во историјата на македонската репрезентација и творец на многу епски голови за „рисовите“.
Александар Трајковски кариерата ја започна во Цементарница 55, а потоа настапуваше за Интер Запрешиќ, Зулте Варегем, Палермо, Мајорка, Алборг и Ал-Фејха. За македонскиот национален тим има 77 настапи и 20 постигнати голови.