• Горан Упале

По тринаесет незаборавни години минати во Динамо Загреб, македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, облече дрес на друг клуб. Големиот борец на средината на теренот денес и официјално е претставен за нов фудбалер на Пекинг Гуан.
Адеми веќе пристигна во Кина и го одработи првиот тренинг со новите соиграчи.
„Добредојде Адеми“, се огласија од Пекинг Гуан преку официјалните социјални мрежи на клубот.
Новиот клуб на Адеми ги решил финансиските проблеми и долговите кон одредени играчи, поради кои не смееја да реализираат нови трансфери, а нашиот репрезентативец ќе има загарантирана плата од 1,7 милиони евра по сезона, што значи дека вкупно за тригодишниот престој во Кина ќе заработи нешто над шест милиони, вклучувајќи ги и предвидените бонуси и дополнителни клаузули.
Адеми добил силни гаранции дека договорот со кинескиот клуб ќе биде максимално испочитуван, а тој добил дозвола за трансфер од неговиот Динамо Загреб, каде помина неверојатни тринаесет години.
Аријан Адеми пристигна во Динамо Загреб од Шибеник во 2010 година, бргу стана стандарден првотимец и капитен на екипата. За „модрите“ одигра 358 натпревари, постигна 41 гол, а забележа и 30 асистенции. Тој е меѓу омилените играчи на навивачите, секогаш полн со енергија, бескомпромисен борец, за кој тренерот Анте Чачиќ рече дека е „човек што не може да заспие ако не е задоволен од својот перформанс на теренот“.
Македонскиот репрезентативец се очекува да биде големо засилување за новиот клуб. Се надеваме дека ќе остане во одлична форма и расположен ќе пристигне на собирот на македонската фудбалска репрезентација за првиот квалификациски меч против Малта во Скопје.