Одземени бодови на клубот на Дени Илиев и суспензија за челните лица

Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Босна и Херцеговина го казни тимот на нашиот Дени Илиев, Сараево, и ги суспендираше челните лица во клубот поради прекинот на мечот со Борац од Бања Лука. 

Реванш-дуелот од четвртфиналето во Купот беше прекинат во судиското надополнување поради тоа што екипата на Сараево го напушти теренот. Домашните играчи беа незадоволни од судењето и заминаа во соблекувалните по наредба на спортскиот директор Сениjад Ибричиќ (поранешен фудбалер на Вардар) и тренерот Симон Рожман, а претходно истите лица го опколија главниот судија заедно со претседателот на Сараево, Исмир Мирвиќ. 

Сараево сега се соочува со жестока казна и најпрво ќе му бидат одземени три бодови, а клубот дополнително ќе мора да исплати и сума од 11.000 евра. Претседателот Мрвиќ добива суспензија во траење од една година, Ибричиќ нема да смее да ја извршува функцијата седум месеци, додека Рожман заработи тримесечна условна казна.