• Саше Љолес
Натпреварот меѓу Селта Виго и Осасуна, кој требаше да го означи почетокот на новата сезона во Примера за двата тима, е одложен поради сериозен проблем со тревникот на стадионот „Балаидос“.
На теренот се појавила габична болест, поради што било констатирано дека условите не биле доволно добри за одигрување на натпреварот. Одлуката за одложување ја донеле заеднички клубовите и Шпанската фудбалска федерација.
Од Примера потврдија дека инспекција на теренот била извршена во средата, по што било проценето дека натпреварот не може да се одигра според првичниот распоред. Новиот термин за одигрување на мечот е 27 август.
Од Селта објаснија дека проблемот со тревата бил забележан уште претходно. Примера минатата недела го проверила теренот и дала „зелено светло“ за мерките кои биле преземени за отстранување на болеста.
Сепак, временските услови во изминатиот период дополнително го отежнале процесот на обновување на тревникот. Поради тоа, било проценето дека е подобро натпреварот да биде поместен за подоцнежен датум.
Така, Селта и Осасуна наместо во недела, првиот меѓусебен дуел во новата сезона ќе го одиграат на 27 август.



