Одлично издание на надежите, Македонија се враќа со триумф од Полска!

Македонската У21 репрезентација извојува голема победа над соодветната селекција на Полска и славеше со конечни 1-2 (0-1). Младите македонски надежи одиграа повеќе од солиден натпревар и сосема заслужено го победија фаворизираниот ривал. 

Првото полувреме започна со мала иницијатива на домаќините, Полјаците се обидуваа со почетен притисок да ја изненадат нашата одбрана, но избраниците на Драган Канатларовски беа солидно поставени и се обидуваа да го загрозат ривалот преку брзи контра-напади.  Полска имаше 2-3 солидни прилики, но без конкретна завршница, а нашите надежи потоа успеаја да искористат една грешка на домашната дефанзива и поведоа со 0-1 преку Марио Илиевски во 44. минута. Македонија ја задржа минималната предност на паузата меѓу двете полувремиња (0-1). 

Стартот на вториот дел донесе нова кардинална грешка во одбраната на Полска. Бекот Полак ја врати топката до својот голман кој реагираше несмасно и му дозволи на Лука Станковски да ја протне топката во мрежата, носејќи двојна предност за нашиот национален тим. Комотните 0-2 им дадоа дополнителен елан на репрезентативците, а потоа следуваше малку помирен период во кој Полска се обидуваше да го намали водството. 

Нашите надежи го смирија темпото во периодот околу 70. минута и се обидуваа полека да го приведуваат мечот кон полежерна завршница, но Полјаците не се предаваа и успеаја да постигнат почесен погодок во 84. минута преку 17-годишниот талент Карол Борис. Веднаш домаќините продолжија со силен притисок и тргнаа кон израмнување на резултатот, но голманот Алчевски во два наврата одлично интервенираше. Играта се разгоре, Македонија имаше солидна шанса за точка на триумфот, но изостана реализацијата, а Полска веднаш потоа ја погоди стативата преку Козубал, но среќата беше на нашата страна. 

Последните моменти од мечот донесоа уште по една шанса на двете страни, но мрежите мируваа и на крајот Македонија сосема заслужено впиша триумф со конечни 1-2. За играчите на селекторот Канатларовски следува пријателскиот натпревар против Босна и Херцеговина, кој ќе се одигра на петти јуни.