• Иван Димовски
Ељиф Елмас беше позитивен на коронавирус на почетокот на октомври и неколку недели беше надвор од тимот на Наполи, а го пропушти и натпреварот од плеј-офот во Лигата на нациите со Косово (2-1). Сепак, младиот играч за врска се врати во ритам и ќе му биде на располагање на Игор Ангеловски за историскиот меч со Грузија за пласман на Европското првенство.
Покрај тоа што веќе активно тренира, Елмас одигра 20. минути во поразот на Наполи викендов со Сасуоло (0-2), а одлични вести за селекторот на Македонија е дека најверојатно „бисерот“ ќе биде стартер вечерва за Наполи на гостувањето во Ријека.
„Партенопеите“ се без Лоренцо Инсиње, а неговото место според предвидувањата на добро упатените италијански медиуми ќе го зазеде Ељиф Елмас. Наспроти него, во тимот на Ријека стандарден е Дарко Велковски на стоперските позиции, па така треба да биде и вечерва.
- Предвидени состави:
Ријека (5-4-1): Невистиќ; Томечак, Галовиќ, Велковски, Есковал, Стефуљ; Менало, Павичиќ, Андријашевиќ, Лончар; Куленовиќ.
Наполи (4-2-3-1): Мерет; Ди Лоренцо, Максимовиќ, Кулибали, Марио Руи; Деме, Лоботка; Политано, Мертенс, Елмас; Петања.
По гостинскиот дуел во Лигата на Европа кај Ријека, Наполи викендов ќе гостува кај Болоња во рамките на Серија А, па потоа фудбалерите ќе отпатуваат на репрезентативните обврски.
Селекторот Игор Ангеловски во наредните денови се очекува да го објави списокот за ноемврискиот циклус, каде Македонија ќе го одигра најважниот натпревар во историјата кај Грузија во Тбилиси за пласман на Континенталниот шампионат, а ако играчите пристигнат со минутажа во копачките, ќе биде само од корист за селекцијата.